Целта на воведувањето на моделот на младински банки во Македонија е соработка помеѓу бизнис секторот, граѓанскиот сектор и локалните власти. Веруваме дека овој модел ќе придонесе за развој на  вештините за вработување кај младите.

Моделот на младински банки предвидува создавање на фондови за млади на ниво на општините, кои ќе се полнат со општински средства, како и средства обезбедени од граѓанските организации во соработка со бизнис заедницата или преку проекти од донатори. Преку фондот ќе се поддржат проекти / локални граѓански акции од неформални групи млади или поединци кои ќе имаат за цел да придонесат за унапредување на животот во локалната заедница. Моделот предвидува дека со средствата ќе управуваат т.н. одбори на младинските банки, формирани на ниво на општините, а составени од млади луѓе од самата општина.

Тие ќе работат под менторство на претставник за млади од општината, како и претставник на Мрежата на младински банки.

Преку овој модел, младите директно се вклучуваат во процесите и прашањата што ги засегаат, работејќи на своите вештини за вработување (пишување проекти, одлучување, работа со буџет, работа со медиуми, претприемнички вештини), но и на животните вештини (работа во тим, препознавање на проблем, емпатија, солидарност, креативност).  Општините од друга страна, добиваат активни млади кои работат на унапредување на заедницата во која живеат, како и подобрен квалитет на живот во самата заедница.