4432

Средба меѓу Порака Нова и градоначалникот на Струга

Успешна средба помеќу Порака Нова, еден од партнерите на проектот Мрежа на младински банки Македонија и градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко. Целта на состанокот беше запознавање и презентирање на проектот и моделот на младински банки.

Претставниците од Порака Нова, Стефан Малески и Маја Талеска се осврнаа на целите и придобивките од младинските банки за младите, меѓу кои стекнување на вештини за вработување и животни вештини, а споделија и примери како моделот веќе се имплементира во светот и регионот.

На средбата исто така беше дискутирано и за стратегијата за млади за 2015-2020 година на општина Струга. Посочени беа приоритетите во чие остварување проектот Мрежа на младински банки Македонија би можел да помогне. Стефан Малески истакна дека самата имплементација на проектот Мрежа на младински банки Македонија е под надлежност на т.н. одбор на младински банки кој функционира на ниво на општината, и дека воведувањето на овој модел треба исто така да стане составен дел на самата стратегија.

По презентацијата, градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко покажа интерес и отвореност за соработка. Градоначалникот  смета дека моделот на младински банки носи позитивни придобивки за младите и заедницата и дека спроведувањето на овој проект би донело позитивни резултати во општината со која тој раководи.

Состаноците со претставниците на општините се дел од кампањата за застапување за воведување на моделот на младински банки во Македонија, која ја води Мрежата на младински банки, а во која членуваат 13 организации.