Capture

Прв Индекс за младински развој во Македонија

На 18-ти декември 2018 година, Коалиција на младински организации СЕГА го промовираше првиот Извештај за 2018 година од Индексот за младински развој Македонија. Во однос на категориите кои беа испитувани преку Индексот за младински развој, најниски вредности се идентификувани кај вработување, образование и граѓанско учество. Дополнително, Индексот дава и насоки во кои области е потребно да се интервенира и кои приоритетни аспекти би требало  да се покријат.

Оваа алатка е прва од ваков тип кај нас во Македонија и истата го бележи напредокот на граѓанското учество на регионално ниво. Индексот претставува ресурс со кој граѓанските организации како и локалните чинители ќе користат релевантни мерливи податоци за да ги адресираат актуелните потреби на младите во образованието, здравството, вработувањето, како и граѓанското и политичкото учество. Индексот за младински развој на Македонија е алатка која што е развиена со цел да прибере информации за положбата на младите во рамки на заедницата во која што живеат, како и да ги утврди предизвиците со кои тие се соочуваат со цел да се идентификуваат прашањата од приоритетно значење за младите и врз основа на аргументирана анализа да се дадат препораки за нивно надминување преку процесот на креирање политики на локално ниво.

Проектот „Зајакнување на младинската вклученост во локалните заедници“ (Strengthening Youth Engagement in Local Communities) e поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Проектот се спроведува во период од 36 месеци (октомври 2017 – септември 2020 година). Главната цел на проектот е да се зголеми влијанието на младинските организации кон граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво, со што ќе се придонесе кон подобрување на статусот и добросостојбата на младите луѓе во државата. Главната цел ќе биде постигната преку примена на иновативни алатки за детектирање на младински потреби, со фокус на граѓанско учество, зајакнување на знаењата и вештините на младинските организации за адресирање на актуелните потреби на младите луѓе со што ќе се подобри разбирањето за младинското учество во локалната заедница. Проектот воведува Индекс за младински развој во Македонија, како нова и иновативна алатка за адресирање на потребите на младите на сите нивоа. Проектот се спроведува во соработка со Агенцијата за млади и спорт.

На следниот линк можете да го најдете извештајот за Индекс на младински развој.