60579303 349733699018268 1852809317665734656 O

Одржано второто пленарно заседание на Мрежата на младински банки Македонија

Второто пленарено заседание на Мрежата на младински банки – Македонија кое се одржа во просториите на Младиинфо Интернационал  ја посветивме на сите достигнувања од досегашната работа на Мрежата.

Целта на пленарното заседание беше изработка на акциски план за спроведување на моделот на младински банки и по завршување на проектот Мрежа на младински банки – Македонија.

Се дискутираше за следните чекори кои може да се остварат за моделот на младински банки да може да почне  да се применува и во Македонија и на кој начин од целиот проект може да се добијат активни и обучени млади кои понатаму би биле дел од младинските совети во општините.

Исто така на средбата беа презентирани резултатите од истражувањата како и  понудените препораките и водичот на младински банки кој беше развиен од страна на членките основачи  со цел да им помогне на општините да го разберат процесот, како и младите да ги препознаат можностите што ги овозможуваат младинските банки.

За време на состанокот учесниците имаа и можност да работат на процеси на мапирање на чекори и задачи како и да развијат мини план за идните активности. Се работеше и на мапирање на процеси и идентификација на внатрешните капацитети на членките на Мрежата на младински банки Македонија.

Се разговараше детално и за тоа како моделот најдобро би функционирал во општините кои се веќе во процес на воспоставување и препознавање на младинските банки и како овој модел да се вклопи во постоечките општински програми со цел да се искористат и активностите кои веќе се планирани.

Ги прашавме и дел од учесниците на оваа средба зошто концептот на младински банки и е потребен на Македонија,  зошто бизнисите и општините треба да се залагаат за воведувањето на овој модел и од друга страна каква корист ќе имаат младите од младинските банки:

„Младинските банки им се потребни на младите за да развијат чувство на припадност кон заедницата преку решавање на конкретни локални предизвици, а притоа добивајќи можност за развивање на своите вештини за вработување. Додека пак за општините, овој модел е потребен за да го поттикнат младинскиот активизам и учество на младите во донесување одлуки за прашања кои нив ги засегаат”. –  изјави Елизабета Тошева, претседател на Иннова Лаб, Битола

Од друга страна Анита Николовска претставник на Младите можат од Скопје додаде дека: „Младинските банки им се потребни на младите, бидејќи токму овој модел ќе им овозможи сами да ги детектираат предизвиците со кои што се соочуваат, да ги носат одлуките и здружено да ги реализираат своите идеи за поквалитетен младински живот во нивните локални заедници“.

Слични размислувања сподели и Марјан Ицоски од Младиинфо Интернационал, Скопје: „Младинските банки придонесуваат за развој на квалитетни и професионални млади работници кои ќе ги зајакнат и унапредат локалните бизнис заедници со своите знаења и вештини. Со младинските банки, бизнисите исто така ја зголемуваат  својата општествена одговорност и придонесуваат во создавањето на поквалитетен животен стандард  на локалните заедници“.

Следниот период, Мрежата на младински банки – Македонија ќе работи на потпишување на меморандуми со општините со цел формирање и воспоставување на младински банки.